Останете информирани за најновите соопштенија и вести од нашата заедница.

Support Kocani ја реализира четвртата пратка компресивна облека, вредна 452.537 денари, за засегнатите лица повредени во пожарот во Кочани
Граѓанската иницијатива Support Kocani продолжува со поддршката за засегнатите лица од пожарот во Кочани и ја финализираше четвртата испорака на специјализирана компресивна облека. Новата пратка, која веќе е доставена до Општата болница во Кочани, претставува значаен чекор во обезбедувањето континуирана терапија и квалитетна рехабилитација.
Овој циклус на донации опфаќа 44 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 14 пациенти, со вкупна вредност од 452.537 денари. Средствата се обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство, што уште еднаш ја потврдува силната солидарност кон повредените.
„Поддршката што ја добиваме од заедницата ни овозможува континуирано да им помагаме на засегнатите и да обезбедиме навремена медицинска опрема. Особено им благодариме на компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000 за нивната соработка и професионална услуга,“ истакнуваат од Support Kocani.
Иницијативата и понатаму останува посветена на транспарентност и грижа за сите погодени од трагедијата, со цел да им се обезбеди постојана поддршка во процесот на заздравување.

SupportKocani ја реализира втората транспарентна распределба на донации – финансиска поддршка за 137 засегнати лица
Граѓанската иницијатива SupportKocani ја информира јавноста дека е реализирана втората распределба на средства од заедничката сметка за донации, која беше формирана по трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во согласност со принципите на целосна транспарентност, отчетност и правна усогласеност, сите пристигнати средства од оваа фаза се распределени исклучиво на лица кои беа директно погодени од трагедијата.
Податоци за распределбата
* Вкупен број на лица кои добија финансиска помош: 137
* Вкупен бруто износ на донаторски средства: 10.944.793 МКД
* Персонален данок ПДД уплатен кон државата: 1.094.493 МКД
* Нето износ распределен по лице: 71.900 МКД
Секое лице доби подеднаква финансиска поддршка, со цел фер пристап и еднакво третирање на сите засегнати. Средствата се обезбедени преку донации од компании, здруженија, цркви, групни акции и хуманитарни настани организирани во земјата и странство.
Целиот процес беше реализиран со внимателна координација со засегнатите страни и со административна и правна документација која обезбедува целосна усогласеност со важечките процедури.
SupportKocani изразува длабока благодарност до сите цркви, донатори, правни субјекти, и граѓани кои се вкл��чија во оваа иницијатива. Вашата солидарност го овозможи овој процес да биде успешен и целосно насочен кон оние на кои им е најпотребно.
Зад сите статистики и административни процеси стојат вистински луѓе.
Млади што сè уште се борат со повреди. Семејства кои ја изгубија најважната личност во својот живот.
Секоја донација што ја распределивме не е „сума“ - тоа е гест со кој заедницата им порача дека не се сами. Дека не ги заборавивме кога беше најтешко.
Речиси 8 месеци, ние како волонтери, не престануваме со нашата мисија, и остануваме да се бориме и да стоиме покрај секој еден од засегнатите, како и од самиот почеток.
Нашата главна цел никогаш не беа бројките, туку луѓето. И тоа ќе остане така. Затоа и ќе продолжиме да помагаме на оние што се борат, и оние што тивко болат.

Граѓанската иницијатива Support Kocani ја информира јавноста за состојбата со донациите и реализираната помош заклучно со 19 август 2025 година. Оваа иницијатива, која беше формирана веднаш по трагичниот настан на 16 март 2025 година во Кочани, продолжува да работи транспарентно, координирано и во интерес на сите засегнати лица и нивните семејства.
Еден од најважните сегменти на помошта е набавката на специјализирана компресивна облека, која е неопходна во долготрајниот процес на третман и рехабилитација на преживеаните од изгореници.
Со овие три пратки досега се обезбедени вкупно 368 парчиња компресивна облека, кои веќе се испорачани и предадени на Општата болница во Кочани за користење од страна на преживеаните лица.
Дополнително, значаен дел од средствата се насочени кон директна поддршка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје, како и кон лицата кои се уште се хоспитализирани таму.
Досега се донирани 100 комплети T-LAB PRP KIT и 10 комплети Exomine SMART KIT, со вкупен износ од 267.000 денари, 4 пакувања протеини и 4 пакувања аминокиселини, со вкупен износ од 19.120 денари и сет креми за подобрување на еластичноста на кожата, со вкупен износ од 53.428 денари
Овие материјали се наменети за третман на рани, регенерација на кожата и подобрување на процесот на рехабилитација, со цел полесно и побрзо опоравување на засегнатите лица.
Заклучно со 19 август 2025 година, вкупниот прилив на наменската сметка изнесува 4.594.345 денари.
Сите донации се резултат на поддршката од хумани граѓани, компании и организации од земјата и дијаспората, кои несебично се вклучија во оваа акција.
Овие бројки не се само финансиски податоци - тие се доказ за солидарност, заедништво и човечка хуманост. Благодарни сме на секој поединец и секоја компанија кои веруваа во оваа иницијатива и помогнаа од срце. Нашата работа не застанува тука - продолжуваме да бидеме тука за засегнатите лица и нивните семејства, сè додека постои потреба.

Граѓанската иницијатива Support Kocani ја реализира и третата пратка компресивна облека, наменета за преживеаните лица од пожарот во Кочани. Облеката е веќе предадена на Општата болница во Кочани, со цел да се овозможи правилна рехабилитација и побрзо заздравување.
Вредноста на оваа набавка изнесува 2.193.047 денари (35.555 евра), а средствата се целосно обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и дијаспората. Со ова, вкупната вредност на досегашните три испораки надминува 3,4 милиони денари.
Со оваа пратка се опфатени втората тура на нарачки од првите две групи корисници на компресивна облека. Во оваа донација вкупно се обезбедени 176 парчиња специјализирана компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за секој од засегнатите лица.
Благодарение на секој поединец, компанија и пријател кој се вклучи со своја донација, успеавме да ја обезбедиме оваа донација. Воедно, голема благодарност упатуваме до компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000 кои кои што овозможија квалитетна и навремена медицинска помош. Солидарноста �� хуманоста се силата што нè движи напред. Иницијативата Support Kocani и понатаму останува посветена на транспарентност, заедничка поддршка и грижа за повредените, сè додека постои потреба

Иницијативата Support Kocani успешно ја реализираше донацијата наменета за повредените од трагичниот настан што се случи на 16 март 2025 година во Кабаре клуб „Пулс“ во Кочани со Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје.
Донацијата е формализирана со потпишување на договор за донација, а вклучува 100 комплети T-LAB PRP KIT, 10 комплети EXOMINE SMART KIT, 4 пакувања аминокиселини и 4 пакувања протеини. Вкупната вредност на донацијата изнесува 286.120 денари, и е целосно обезбедена преку донации од хумани граѓани и компании, кои континуирано ја поддржуваат иницијативата Support Kocani.
Донираните материјални добра се наменети за третман и регенерација на кожата, забрзување на зараснување на рани и подобрување на опоравувањето кај пациентите со тешки повреди од изгореници. Нутритивната поддршка претставува дополнителна помош за јакнење на организмот во процесот на рехабилитација.
Медицинската опрема и суплементи се веќе доставени на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје, каде активно се користат во третманот на повредените. Во рамки на посетата, тимот на Support Kocani ги посети и пациентите кои сè уште се хоспитализирани на Клиниката и лично им изрази поддршка и желби за побрзо закрепнување.
Продолжуваме со фокусирана, директна и одговорна поддршка за секој поединец кој е засегнат од трагедијата. Оваа соработка со една од клучните здравствени установи во државата претставува важен чекор во обезбедувањето на стручна медицинска нега. Искрено им благодариме на сите хумани граѓани, компании и поддржувачи – токму тие ја направија оваа помош возможна. Иницијативата останува посветена на транспарентност, партнерство со институциите и долгорочна грижа за сите погодени лица.

Денес во Кочани пристигна и беше официјално донирана втората пратк�� компресивна облека, обезбедена од граѓанската иницијатива Support Kocani, наменета за повредените од трагичниот настан од 16 март 2025 година. Во оваа пратка се вклучени 43 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 17 повредени лица. Облеката беше испорачана во Македонија во понеделник навечер, а веќе денес е доставена на Општата болница во Кочани. Фактурата за оваа пратка, во износ од 283.802 денари, е целосно исплатена од страна на Support Kocani.
Ова е втора по ред испорака на компресивна облека што ја обезбедува иницијативата. Претходно, Support Kocani целосно ја покри и првата пратка во вредност од 923.458 денари, со што вкупниот износ за двете набавки изнесува 1.207.260 денари, односно 23.560,37 евра – средства обезбедени исклучиво преку донации од хумани граѓани, фирми и поддржувачи од земјата и дијаспората. Голема благодарност упатуваме до компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000, кои што овозможија квалитетна и навремена медицинска помош за што поголем број повредени лица.
Во време на болка, солидарноста е најголем лек. Никој нема да биде сам. Делата зборуваат многу погласно од зборови, а ние не застануваме – продолжуваме посветено и одговорно, сè додека постои потреба и сè додека има луѓе што веруваат во хуманоста.

Граѓанската иницијатива Support Kocani со голема благодарност информира дека во Кочани пристигнаа 407 кутии со силиконски лепенки Atrauman Silicone, со вкупно 4070 лепенки, како дел од континуираната хуманитарна помош за повредените од трагичниот настан.
Овие медицински лепенки, во кои секоја кутија содржи 10 парчиња, се специјално наменети за третман на изгореници и чувствителни повреди на кожа. Тие претставуваат донација од хумани сограѓани и компании кои живеат и работат во Словенија, кои великодушно се приклучија на нашата мисија за помош.
Лепенките наскоро ќе бидат донирани на Општата болница во Кочани, во координација со здравствените служби и потребите на пациентите. Дополнително, Support Kocani очекува нови пратки со медицински материјали и од други земји, меѓу кои Австралија и Данска, каде македонски иселеници и пријатели на Кочани активно се вклучуваат со поддршка.
Оваа донација е уште еден потсетник дека вистинската поддршка понекогаш доаѓа таму каде што најмалку ја очекуваме - од срцата на обичните луѓе, преку граници и без големи зборови. Support Kocani и натаму останува целосно посветена на транспарентна, брза и ефикасна поддршка за сите на кои им е најпотребна.

Граѓанската иницијатива Support Kocani успеа да ја исплати првата фактура за набавка на компресивна облека наменета за повредените од трагичниот настан во Кочани, во вредност од 923.458 денари. Средствата за набавката биле целосно обезбедени преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство.
Ја информираме јавноста дека компресивната облека е нарачана и се очекува да пристигне во Кочани околу 16 јуни. Дополнително, веќе се обезбедени средства и за втора тура на облека, а на 16 и 17 јуни повторно ќе пристигнат експерти од Бугарија кои ќе започнат со земање индивидуални мерки за новата нарачка.
Упатуваме особена благодарност до компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000, кои одобрија попуст во вредност од 19.600 лева, со што значително се олеснило обезбедувањето на неопходната медицинска помош за поголем број повредени.
Иако некои процеси бараат време, ова е доказ дека кога има волја – има и начин. Ви благодариме на сите вас – граѓани, пријатели и непознати хумани срца – што покажавте што значи вистинска солидарност.

Иницијативата Support Kocani, активирана веднаш по трагичниот настан што го погоди Кочани, денес го објавува својот транспарентен извештај за реализацијата на донациите заклучно со 5 јуни 2025 година. До денес, над 600.000 евра се префрлени директно на сметките на семејствата кои претрпеа најголеми загуби. Оваа бројка не е само финансиски податок – таа е симбол на заедништво, сочувство и солидарност.
Поддршката не застана тука, покрај директните донации, граѓани, компании и организации се вклучија и со дополнителна помош:
Но, вистинската сила на оваа иницијатива се гледа и преку конкретната опрема и помош што беше обезбедена:
И покрај до сега постигнатото, помошта продолжува, а работата на SupportKocani не завршува тука. Во тек е реализација на неколку значајни проекти. Во соработка со А1 Македонија, се развива Младински центар „Супортко“ во Кочани – простор за психосоцијална поддршка, едукација и рехабилитација. Дополнително, се очекува исплата на 1.500.000 денари собрани преку аукциска изложба на Домот на култура „Бели Мугри“ и 600.000 денари од хуманитарниот концерт на Тамара Тодевска, кој обедини публика низ целиот ре��ион.
Ова за нас не се само бројки. Тоа се допири на надеж, потсетници дека не сме сами и дека кога сме обединети, можеме многу. Ви благодариме што ја покажавте хуманоста – не со зборови, туку со дела.
Support Kocani како инцијатива останува отворена и посветена на транспарентност во секој чекор, соработка со институции, компании и граѓани и најважно – континуирана грижа за погодените семејства.