Support Kocani со транспарентен извештај: Над 600.000 евра директна поддршка до семејствата од трагедијата во Кочани
Објавено на June 5, 2025 at 11:09 AM

Support Kocani со транспарентен извештај: Над 600.000 евра директна поддршка до семејствата од трагедијата во Кочани

Иницијативата Support Kocani, активирана веднаш по трагичниот настан што го погоди Кочани, денес го објавува својот транспарентен извештај за реализацијата на донациите заклучно со 5 јуни 2025 година. До денес, над 600.000 евра се префрлени директно на сметките на семејствата кои претрпеа најголеми загуби. Оваа бројка не е само финансиски податок – таа е симбол на заедништво, сочувство и солидарност.

Поддршката не застана тука, покрај директните донации, граѓани, компании и организации се вклучија и со дополнителна помош:

  •  Над 2 милиони денари се собраа преку индивидуални донации.
  • Општата болница во Кочани доби дополнителна поддршка од 2.671.116 денари, со што значително се подобрија условите за третман на повредените.

Но, вистинската сила на оваа иницијатива се гледа и преку конкретната опрема и помош што беше обезбедена:

  • Донирана е хипербарична комора – клучна за лекување на тешки повреди.
  • Инсталирани се 10 клима уреди во болницата.
  • Создадена е целосно опремена просторија за физикална терапија.
  • Обезбедени се над 400 специјални лепенки за третман на изгореници.
  • Доставени се над 500 медицински артикли, вклучувајќи лекови, креми и помагала.
  • Повредените добија 113 ваучери за онлајн шопинг со вкупна вредност од 20.000 евра.

И покрај до сега постигнатото, помошта продолжува, а работата на SupportKocani не завршува тука. Во тек е реализација на неколку значајни проекти. Во соработка со А1 Македонија, се развива Младински центар „Супортко“ во Кочани – простор за психосоцијална поддршка, едукација и рехабилитација. Дополнително, се очекува исплата на 1.500.000 денари собрани преку аукциска изложба на Домот на култура „Бели Мугри“ и  600.000 денари од хуманитарниот концерт на Тамара Тодевска, кој обедини публика низ целиот регион. 

Ова за нас не се само бројки. Тоа се допири на надеж, потсетници дека не сме сами и дека кога сме обединети, можеме многу. Ви благодариме што ја покажавте хуманоста – не со зборови, туку со дела. 

Support Kocani како инцијатива останува отворена и посветена на транспарентност во секој чекор, соработка со институции, компании и граѓани и најважно – континуирана грижа за погодените семејства.