
Support Kocani ја реализираше третата, целосно транспарентна распределба на донации во износ од 3.153.204 денари
Иницијативата Support Kocani ја реализираше третата распределба на средства собрани преку заедничката наменска сметка за донации, отворена веднаш по трагичниот настан што ја погоди Кочани. Со оваа распределба, процесот на директна финансиска поддршка продолжува во согласност со принципите на транспарентност, отчетност и правична распределба.
Во рамки на третата распределба, вкупно 142 лица кои претходно поднесоа и потпишаа изјава за потреба од помош беа опфатени и вклучени во процесот. Средствата беа распределени врз основа на јасни критериуми и донаторска одлука, во координација со засегнатите страни, со единствена цел, помошта да стигне до секој што беше погоден.
Сите средства за третата распределба потекнуваат од донација обезбедена од Македонската православна епархија за Европа, при што трансакцијата беше ослободена од банкарска провизија од страна на НЛБ Тутунска банка.
• Вкупно донирани средства (бруто): 3.153.204 денари
• Распределба според одлука на донаторот (нето):
- 123 лица добија по 15.968 денари
- 19 лица добија по 45.992 денари.
По основ на персонален данок (ПДД), од средствата за оваа распределба беа уплатени 315.292 денари. Со тоа, заклучно со третата распределба, вкупно платениот персонален данок ПДД за сите три распределби изнесува 2.274.285 денари, од вкупен износ на бруто донации од 22.742.997 денари.
Support Kocani потсетува дека и во првата и во втората распределба средствата беа директно и транспарентно префрлени на сметките на најпогодените лица, а целиот процес беше јавно документиран и достапен за увид. Третата распределба претставува продолжение на истиот пристап, а тоа значи одговорно управување со донациите и јасна отчетност пред јавноста и донаторите.
Support Kocani останува целосно посветена на транспарентност, одговорност и континуирана грижа за погодените семејства.